Categories
Blog

Амниоцентеза

Амниоцентезата (АЦ) е интервенција која се прави во текот на бременоста со цел да се откријат хромозомски пореметувања на бебето, како што е Дауновиот синдром. Ова се прави со анализа на составот на клетките земени од плодовата вода со помош на игла. Интервенцијата се прави во 16/17 гестациска недела.

Кои пореметувања можат да се откријат со овие интервенции?
АЦ со 99% сигурност може да открие хромозомски пореметувања кај бебето.

Кај кои бремености треба да се направи АЦ?
Амниоцентеза може да се направи кај секоја жена на нејзино барање. Сепак, овие интервенции не се препорачуваат кај секоја трудница поради тоа што при нивното изведување постои 0.5% ризик од несакан прекин на бременоста (абортус). Обично, АЦ им се препорачува на определени групи жени како:

  • Жени постари од 35 години. Ова се прави поради тоа што ризикот од појава на Даунов синдром се зголемува кај мајки постари од 35 години (едно од 250 бебиња кај овие мајки ќе има хромозомско пореметување).
  • Жени кои претходно имале бременост во која бебето имало хромозомско или друго пореметување.
  • Родители кои имаат хромозомско или генетско пореметување или во семејството постојат такви случаи.
  • При прегледот за нухална транслуценца е направена проценка за зголемен ризик за пореметување кај бебето.

Како се изведува интервенцијата?
При АЦ мајката легнува како за обичен ехо преглед. Стомакот се пребришува со средство за дезинфекција. Лекарот работи со стерилни ракавици, инструменти и игла за една употреба. Интервенцијата започнува како обичен ехо преглед при што се утврдува местоположбата на постелката, а потоа лекарот со иглата влегува во плодовата вода (без да се допре бебето) преку стомакот на мајката и се вади мало количество вода која се праќа на анализа.

При изведување на интервенцијата мајката може да почувствува определена болка (убод од игла).

Што се случува потоа?
Се препорачува пациентката да не пешачи многу или да вози веднаш по интервенцијата. Треба да се избегнуваат посериозни физички активности, секс и физички вежби во следните три дена. Лесни болки во долниот дел на стомакот или мало крварење е нормално, но секако треба да се каже на лекарот.

Ако мајката е РХ негативна според крвната група, тоа МОРА да му се каже на лекарот кој ја изведува интервенцијата.

Кога да му се јавиме на гинекологот?

  1. При истекување на течност од вагината
  2. Појава на температура
  3. Појава на ритмични контракции (болки) кои се јавуваат на еднакво временско растојание.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *